Мал чекор за големи промени
Најголемата несигурност пациентот да се одлучи за ласерско коригирање на диоптријата произлегува од низа прашања кои секојдневно ги слушаме на нашите прегледи, а најчестото од сите е: „Дали интервенцијата е безбедна и безболна?“
Ласерското отстранување на диоптријата е целосно безбедно и безболно бидејќи предоперативно очите се анестезираат локално со капки. Пациентите што се заинтересирани за ласерска корекција на диоптрија доаѓаат на детален офталмолошки преглед и се утврдува дали се кандидати за ваков оперативен зафат. Процентуално изразено, овие операции се мошне успешни, кај 99,9% од пациентите постигнуваме постоперативно идеален вид и потребата од очила станува минато.
Доколку сакате слободен живот и живот без ограничувања, ве советуваме да направите детален офталмолошки преглед кај нашиот тим од врвни и искусни доктори.
Би ни било драго доколку и вам успееме да ви овозможиме јасен вид и живот без ограничувања.
Десет причини зошто да се одлучите за ласерска корекција на диоптрија?
- Враќање на јасен вид
Најголемото задоволство по ласерската операција и кај нас и кај вас пациентите е враќање на јасен вид, дури и многу повеќе од вашите очекувања.
- Слобода во секој момент
Поголем број од лицата што користат очила се чувствуваат ограничено при извршување голем број активности во секојдневието, особено при спортување. Не само што постои ризик од повреда при кршење на рамката при спортските активности туку голем број од пациентите на нашите прегледи споделуваат дека честопати се здобиле со полесни или потешки телесни повреди поради лизгање на очилата надолу по носот или замаглување на стаклата како резултат на физиолошкото потење.
- Секогаш комплетен изглед
Голема предност на животот без очила е и слободата на облекување и следење на сопствениот стил бидејќи честопати бојата, дезенот или големината на вашите рамки не се вклопуваат при сите настани.
- Крај на црвени и иритирани очи
Оние пациенти што не се љубители на носење очила во секојдневието го добиваат својот добар вид со помош на контактни леќи кои знаат често да предизвикаат црвенило, чешкање, гребење, чувство на суво око и печење. Носењето контактни леќи го зголемува процентот за настанување инфекции на очите кои понекогаш можат да доведат и до трајни промени на роговицата и намалување на видната острина. Исто така, овие пациенти се незадоволни неколку години по користењето контактни леќи бидејќи се соочуваат со синдромот на суво око кој станува хронична состојба.
- Безгрижни патувања
Доколку некогаш ви се случило на патување да си ги скршите вашите очила или, пак, да ја загубите или оштетите вашата контактна леќа, сигурно знаете дека тоа е најнепријатната ситуација што сте ја искусиле. Дозволете им на нашите офталмолози да ве ослободат од овие несакани случувања.
- Крај на заматените утра
Некогашните корисници на очила се воодушевени со секое ново утро бидејќи не мораат повеќе да ги бараат очилата или да ставаат веднаш контактни леќи штом станат од спиење. На тоа се особено благодарни пациентите кои предоперативно имале висока диоптрија и секој ден се буделе со заматен вид.
- Кратка интервенција, многу брзо оздравување
Интервенцијата заедно со предоперативната подготовка трае не повеќе од еден час, пациентот во оперативната сала поминува само 10 минути, а видот се избиструва за еден ден. Сепак, за комплетно постоперативно оздравување е потребно пациентот да избегнува работа на компјутер, како и спортски и физички активности, но затоа по две недели добивате живот без ограничувања.
- Трајно решение
Диоптријата за далечина се отстранува со помош на ласерската операција засекогаш. Ако вашата диоптрија пред операцијата е стабилна неколку години, тогаш не се очекува промена се до моментот на „старечка“ диоптрија, околу 45-годишна возраст, кога ќе ви бидат потребни очила за читање.
- Добра инвестиција
Кога ласерската корекција на диоптрија ја размислувате како добра инвестиција за подобар живот, брзо може да заклучите дека таа е долгорочна и резултатите се веднаш видливи.
- Безбедно до јасен вид
Ако вашата одлука за ласерска корекција на диоптрија зависи од тоа дали таа е безбедна, тогаш таа грижа ви е сосема непотребна бидејќи нашата болница работи со најсовремена технологија и најискусни офталмолози.
Три чекори за појасен вид
- Преглед
На комплетниот предоперативен преглед најпрвин ќе ви објасниме кои методи за ласерско отстранување на диоптрија постојат и за која метода сте вие кандидат. Потоа ги правиме сите неопходни снимања, мерења и преглед на очното дно и прецизно ја дефинираме диоптријата која е потребно да се отстрани при ласерската интервенција.
- Интервенција
Целата постапка заедно со предоперативната подготовка трае не повеќе од еден час. Операцијата се изведува со локална анестезија (капки) и е безболна. За сите методи на ласерска корекција на диоптрија користиме технолошки најсовремен ласер, кој заедно со знаењето и искуството на хирургот придонесуваат за највисок степен на безбедност. По интервенцијата добивате неопходна терапија и упатство за постоперативно оздравување.
- Оздравување
Неколку дена по ласерската интервенција би требало да избегнувате престој во зачадена просторија, да избегнувате прав, долготрајно читање и работа на компјутер, спортски и физички активности. Кај некои пациенти може да се појави и зголемена чувствителност на светлина, па тоа може да доведе и до зголемено солзење. Овие појави се повлекуваат за кратко време без дополнителна терапија, а времето потребно за изострување на видот зависи и од методата за ласерската корекција на диоптрија. Текот на оздравување внимателно се следи на редовни контроли.
И за вашите очи постои решение
Која метода е најдобра за вас?
Методата на отстранување на диоптријата соодветно со развојот на технологијата може да се изврши со ласерска корекција на диоптрија или, пак, со имплантирање интраокуларни леќи. Доколку не сакате повеќе да носите очила или контактни леќи за далечина, а имате комплетно здрави очи и сте на возраст до 45 години, вашиот избор е ласерска корекција на диоптрија, со која може да се отстранат:
од +4,00 до -10,0 диоптрии и цилиндар до -6,00.
Но, доколку сте повеќе од 45 години и веќе имате „старечка“ диоптрија, а воедно носите и очила за далечина или контактни леќи, вие сте кандидат за коригирање на диоптријата со имплантирање мултифокални интраокуларни леќи:
од +6,00 до -10,0 диоптрии и цилиндар до -6,00.
КАЈ 95% ОД ПАЦИЕНТИТЕ ПОСТОИ МОЖНОСТ ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ДИОПТРИЈАТА, ВО ПРЕОСТАНАТИТЕ 5% СПАЃААТ ЛИЦАТА СО ОДРЕДЕНИ ОЧНИ ЗАБОЛУВАЊА
Споредба на методите за ласерско отстранување на диоптријата
Постојат три начини за ласерско отстранување диоптрија кои меѓусебно се разликуваат, пред сè во начинот на работа и постоперативното оздравување. Која метода е најдобра зависи индивидуално од пациентот и тоа го одлучуваме по комплетно завршените преглед и анализа на резултатите.
- ЛАСИК
ЛАСИК-методата е најчеста и е мошне популарна меѓу пациентите. Таа е безболна, трае не повеќе од пет минути по око и веднаш следниот ден се постигнува максимална видна острина. Постапката се состои од одвојување на површинскиот слој на корнеата и правење ‘flap’, односно прозорче кое со едниот дел останува поврзан за корнеата, а преостанатиот дел е слободен. Следно флепот се крева и со помош на ласерските зраци на високософистицираниот ласер на отвореното ткиво на корнеата се пристапува кон отстранување на диоптријата, односно ремоделирање на корнеата и способноста на прекршување. По завршувањето на ласерот, флепот се враќа на своето место и сам од себе зараснува за 24 часа. ЛАСИК-методата, како и сите други методи на отстранување на диоптрија, се врши на претходно анестезирано око, локално со капки. Пациентот е кандидат за оваа метода доколку има корнеа со соодветна дебелина, добар солзен филм и идеален релјеф на корнеа.
- ПРК
Кај ПРК-методата нема правење на флеп, туку настанува отстранување на површинскиот епител на корнеата со ласерски зраци или посебни епителни четкички. По отстранување на површинскиот епител на корнеата, се употребуваат ласерските зраци на отвореното ткиво и се коригираат диоптриските грешки. По завршување на интервенцијата, се аплицира тераписка мека контактна леќа која се вади по неколку дена, сè додека епителот на корнеата не се обнови. Оваа метода е со малку побавен период на оздравување, видот е заматен сè додека епителот не се обнови, обично неколку дена постоперативно. За да обезбедиме сигурна и безболна интервенција, пациентот се анестезира локално со капки, потоа се отстранува епителниот слој на корнеата и со Excimer ласер се променува формата на површинската корнеа и на тој начин се отстранува диоптријата. Оваа метода се користи кај пациентите со потенка роговица и нестабилен солзен филм.
- Транс ПРК
Со најсовремениот ласер TECHOLAS TENEO 317, кој го има само во нашата болница и е мошне актуелен во светот, го постигнуваме таканаречениот „WOW ефект“. За оваа метода не е потребно креирање и формирање флап, а овозможува максимална прецизност со брзиот eye tracker за детекција и на најфините микродвижења на окото и контрола на статичката и динамичката циклоторзија. Големата брзина на ласерскиот сноп значително го скратува времето на процедурата која е безболна и се добива совршено мазна површина на роговицата со зачуван квалитет. Оваа метода е уште позната и како „no touch“ и користи ладен ласерски сноп во ремоделирање на роговицата и промена на нејзината прекршувачка моќ, а се користи кај пациенти кои имаат изразено тенка роговица и не се погодни за ЛАСИК-метода и имаат диоптрии од -6,00 до +3,00 и максимум +5,0 диоптрии цилиндар. Откако окото е локално анестезирано и фиксирано, епителот на роговицата се отстранува со Excimer ласер без директен контакт и ризикот за појава на инфекција е сведен на минимум. За разлика од претходните методи, оваа е најсовремена и ние сме во чекор со светските трендови бидејќи ви обезбедуваме операција без допир, без никакви засеци и отстранување на надворешниот слој на роговицата без механички средства. Постоперативно добивате веднаш јасен вид.
Најчести поставувани прашања
- Дали можам да го загубам видот?
Стравот од најцрното сценарио на пациентите го избегнуваме со детален предоперативен преглед. Врз основа на добиените резултатите и анализи го проценуваме ризикот за интервенција. Ласерското отстранување на диоптрија во нашата болница го правиме само кај пациенти кај кои очекуваме идеално јасен вид постоперативно. Доколку интервенцијата за вас претставува ризик, не ја препорачуваме.
- Дали со ласерската корекција на видот може да се отстрани постоечкиот цилиндар во мојата диоптрија?
Ласерските зраци може да отстранат цилиндар до +/- 6,00 диоптрии. Доколку пациентот покрај цилиндарот има и дополнителна диоптрија во +/- диоптрии, тоа исто така може да се отстрани при истата постапка.
- Што доколку во текот на интервенцијата трепнам?
Тоа е невозможно бидејќи на самиот почеток пред да започне интервенцијата на очните капаци се става држач кој овозможува вашето око да биде целосно отворено во текот на интервенцијата. Исто така, системот за детекција на погледот оневозможува да се изврши ласерски третман на погрешен дел од корнеата или околното ткиво. Така што во случај да го свртите погледот на страна ласерот автоматски се прекинува. Овој високософистициран софтвер во секоја секунда следи и до 400 микродвижења на окото и со тоа се постигнува сигурно емитување на ласерските знаци, односно активирање на ласерот само кога корнеата е добро и централно позиционирана.
- Дали отстранувањето на диоптријата е трајно?
Доколку диоптријата пред интервенцијата е стабилна минимум една година, тогаш не очекуваме промена сè додека не се појави потребата од очила за читање т.е. „старска диоптрија“.
- Што доколку по интервенцијата рефракцискиот резултат не е 0,00?
Голем број од светската популација која не носи очила не значи дека нема диоптрија, односно дека нивниот резултат при мерење на рефракција е 0,00. Целта на ласерската корекција на диоптрија е да се постигне диоптрија околу 0,00 и на пациентот не му се потребни очила, а тоа го постигнуваме во 99,9% од случаите.
- Колку време по интервенцијата може да се вратиме на секојдневните активности?
Очите се речиси целосно заздравени седум дена по ласерската корекција на диоптрија, што значи дека по една недела веќе може да се вратите на вашето секојдневие.
- Какво е чувството за време на ласерската корекција на диоптрија?
За време на интервенцијата хирургот ќе ве замоли да гледате директно во зеленото светло на ласерот. Самата интервенција севкупно трае неколку минути, така што целата непријатност е минимална и краткотрајна. Доколку интервенцијата се работи по ЛАСИК-методата, за време на правење на флепот нема да го видите светлото од ласерот и ќе почувствувате благ притисок кој трае околу 10 секунди.
- Дали може да се појават одредени компликации?
Компликации по ласерско отстранување на диоптрија се 0,5 до 1%. Тоа всушност се лесни компликации кои не зависат на степенот на успешност на интервенцијата, но го зголемуваат времето на оздравување. Потешка компликација што може да настане и да доведе до поголема интервенција е појава на инфекција, а шансите за таа да се јави се 0,02% (1 на 5000 интервенции).
Д-р Наум Трпеновски
Очен хирург