Што е Сенилна макуларна дегенерација?
Сенилна макуларна дегенерација или AMD (Age-related macular degeneration) претставува болест на окото каде се замаглува централниот вид. Се појавува со возраста и предизвикува оштетување на центарот за јасен вид (макула – жолта точка) и е една од водечките причини за нарушен вид кај возрасни пациенти.
Видови на сенилна макуларна дегенерација
Сува форма
Поголем процент на популацијата со Сенилна макуларна дегенерација се со сува форма
(така наречена атрофична форма). Поминува низ три фази: рана, преодна и доцна. Прогресира бавно во времето.
Влажна форма
Влажната форма на Сенилна макуларна дегенерација (неоваскуларна форма), е поретко присутна, но со таа разлика што е фудројантна, брзо прогресира и побрзо предизвикува загуба на централниот вид за јасно гледање. Секоја фаза од сува форма на Сенилна макуларна дегенерација може да помине во влажна форма. Се карактеризира со појава на нови абнормални крвни садови (неоваскуларизација) кои прораснуваат во слоевите на ретината (највнатрешен слој на окото составен од фотосензитивни клетки) и кои предизвикуваат оштетување во центарот за јасен вид (макула). Добрата вест е дека постојат опции за третирање на влажната форма на сенилна макуларна дегенерација.
Интересен е фактот дека не заболуваат едновременно двете очи и при дијагностицирање на промените во едното око веднаш акцентот оди на здравото око и се следи за да може навремено да се реагира кога би имало потреба од терапија сѐ со цел зачувување на видот.
Како се манифестира?
- Искривени слики (дисторзија)
- Промена во перцепција на боите
- Неможност за читање
- Централна сива или црна флека (скотом) во видното поле
- Послаб вид во потемнен простор
Како се открива?
- Одредување видна острина
- Офталмолошки преглед на преден и заден очен сегмент
- Оптичко кохерентна томографија (ОЦТ)
- Оптичко кохерентна ангиографија (ОЦТ-А)
- Фундус флуоресцинска ангиографија со контраст флуоресцин и/или индоцијанин (ФФА)
Методите ОЦТ и ОЦТ-А се неинвазивни лесно примениливи за следење на динамиката на болеста, по примена терапија.
Флуоресцинската ангиографија е инвазивен метод за дијагностика и се прави само по преценка на офталмологот.
Како се лекува?
При сувата форма на Сенилна макуларна дегенерација нема посебна терапија. Се препорачува често следење и контроли како и прием на антиоксидантна витаминска терапија од групата на Лутеин и Зеаксантин во превенција на натрупување на токсички радикали од метаболизмот на клетките на центарот за вид.
При влажната форма се применуваат интравитреални апликации на лекарство од групата anti VEGF (anti vascular endothelial growth factor) кое делува и ги блокира медијаторите кои се одговорни за појавата на нови абнормални крвни садови.
Апликациите се на месечно ниво, првично 5 последователни апликации, а потоа по преценка за состојбата.
Терапијата со anti VEGF лекарства е динамична во времето и цели да се намали процесот на прогресија на заболувањето, да се одржи состојбата и намали прогресијата во динамика на времето и да се зачува видот.
Д-р Наташа Гинева, специјалист офталмолог.