Катаракта претставува заматување на природната леќа во окото. Луѓето кои имаат катаракта го опишуваат видот како гледање низ ,,перде” или пак низ замрзнат или замаглен прозорец. Ваквиот замаглен вид ќе доведе до отежнато извршување на вашите секојдневни активности, како читање, возење автомобил (особено навечер), како и потешкотии во препознавањето на лицата на пријателите.
Најчесто катарактата се развива бавно и можеби во прво време нема да ви го наруши видот. Но, со тек на време, како ќе созрева катарактата, така вашиот вид сѐ повеќе ќе се намалува.
Причините за појава на катаракта сѐ уште не се во потполност разјаснети. Се смета дека постојат фактори кои можат да влијаат за појава на оваа болест:
пол (почесто се развива кај жени);
долготрајно користење лекови од групата кортикостероиди;
долготрајно и често конзумирање на алкохол и цигари;
голема изложеност на сончево и радијациско зрачење;
гојазност;
дијабетес;
претходни повреди на окото и воспаление на внатрешните структури на окото.
Постојат многу видови на катаракта, од кои како најчести ќе ги издвоиме:
ВРОДЕНА КАТАРАКТА - Се јавува кај деца главно како последица на некоја инфекција која ја имала мајката за време на бременоста.
ТРАУМАТСКА КАТАРАКТА - Се јавува како последица на отворени или затворени повреди на окото. Може да настане во склоп на некои воспалителни очни болести долготрајно користење на некои лекови (најчесто кортикостероиди) или како последица на некои операции на око (пр. глауком или аблација на ретина) кои ретко се јавуваат како причина.
СТАРЕЧКА КАТАРАКТА - Ова е најчест облик на катаракта која настанува главно кај лица постари од 55 години. Се карактеризира со заматување и стврднување на леќата која предизвикува намалување на видот но често и кратковидост кај лица кои обично имаат нормален вид а кај кратковиди лица ја смалува далекувидоста.
Некои од основните симптоми кои укажуваат на постоење на катаракта се:
заматен вид;
промена во перцепцијата на боите (се гледа сина боја);
гледање двојна слика;
лош ноќен вид
особено при ноќно возење;
осетливост на светло;
бела или сива зеница.
Катарактата најчесто напредува споро, но во некои поретки случаи може да се развие и брзо. Во одредени случаи напредувањето на катарактата може да се манифестира само со опаѓање на острината на видот на далеку, а настанува како резултат на задебелување на леќата. Во овој стадиум, проблемот може привремено да се реши со зголемување на диоптријата на очилата или пак со примена на посилно осветлување или лупа. Меѓутоа, со развивање на болеста леќата почнува да добива жолта или бела боја, а видот станува сѐ послаб, па станува очигледно дека очила со зголемена диоптрија, како и посилното осветлување или лупа нема да го решат проблемот.
Кога еднаш ќе се појави катарактата, веќе не може да се излекува со капки за очи, очила со зголемен диоптер, ниту со посебна исхрана. Катарактата единствено може да се отстрани со оперативен зафат. Со помош на ултразвучен апарат се отстранува заматената леќа и на нејзино место се имплантира специјално дизајнирана, флексибилна вештачка леќа, таканаречена интраокуларна леќа која останува трајно во окото.
Временски катарактата се развива индивидуално, од неколку месеци до неколку години. Порано се верувало дека за операција на катаракта треба да се чека до нејзината крајна фаза кога пациентот веќе не е способен самостојно да функционира. За среќа, овој застарен став е надминат. Всушност, како напредува болеста, леќата во окото станува сѐ потврда, а со самото тоа и потешко се отстранува. Исто така, кај позрела катаракта, неопходно е да се користи поголем интензитет на ултразвук, што може да им штети на околните ткива, особено на рожницата. Ваквата операција трае подолго, а со самото тоа подолготраен е и процесот на опоравување на рожницата.