Ретиналните венски оклузии (РВО) се втората најчеста причина за загуба на видот во Западниот свет. Анатомски според тоа каде е венската оклузија класифицирана е на гранкова РВО (сл1) и централна РВО (неисхемична и исхемична форма), сл 2а, 2б
Сл 1. Гранкова ретинална венска оклузија (оригинална снимка)
Сл.2 а. Неисхемична форма на РВО (снимка од ВЕБ) б. Исхемична форма на РВО (оригинална снимка)
Патогенезата на РВО се уште не е комплетно јасна, но важен настан е формирањето на интралуминарен тромб, кој најчесто се должи на како последица на други состојби како хипертензија(покачен крвен притисок), хиперлипидемија (покачени масти), дијабет (покачен крвен шеќер) и тромбофилија (состојба при која има голем ризик од настанување на тромбоза).Блокирањето на венската циркулација води до покачување на интралуминарниот притисок во капиларите кое од друга страна доведува до истекување на течност во слоевите на ретината, покачување на интерстицијалниот притисок последично води до редукција на ретиналната перфузија (редукција во исхраната на ретината). Последично исхемијата (нарушената исхрана) резултира со секреција на васкуларен ендотелијален фактор на раст (Vascular endothelial growth factor –VEGF), кој предизвикува уште поголемо истекување на течност и оток (едем) на ретината. VEGF има водечка улога во патогенезата на РВО и симптомите кои се појавуваат. Употребата на анти VEGF препарати приложени интравитреално имаат за цел да ја подобрат клиничката слика кај овие пациенти.
Симптомите резултираат со ненадејно унилатерално (едностранно) замаглување на видот и тоа кај различните форми различно се манифестира :
- Дискретно замаглување кај неисхемичната централна РВО кое се влошува во динамика со времето
- Ненадејно остро нарушување на видот кај исхемичната РВО
- Исклучување на половина видно поле како и намален централен вид кај гранковите РВО
Дијагностицирањето на венските оклузии покрај основиот офталмолошки преглед и преглед на очно дно (фундус) бараат подетални и специфични иследувања.
- Флуоресцинска ангиографија – снимка и визуализација на протокот во крвните садови на очно дно со помош на контраст, инвазивна метода и се прави единствено по индикација.Сл 3
Сл. 3 флуоресцинска ангиографија при парцијална венска оклузија (снимка од ВЕБ)
- Оптичко кохерентна томографија (Optic coherent tomography –OCT) и Оптичко кохерентна ангиографија (Optic coherent angyography- OCT-A) е неинвазивна и информативна метода во мониторирањето на состојбата на отокот во центарот за вид особено по приложена анти VEGF терапија.
Сл.4 а. ОЦТ на центар за вид со цистоиден оток десно око, лево- нормален наод на ОЦТ на центар за вид лево око(оригинална снимка)
Компликациите кај венските оклузии најчесто се должат на хипооксичното ретинално ткиво кое резултира со ослободување на VEGF и воспалителни медијатори, кое резултира со макуларен едем (оток во центарот за вид, крварења во стаклестото тело и неоваскуларна секундарна глаукома.
Терапијата кај венските оклузии е комплексна и зависи од видот на истата како и присутната исхемија и оток во центарот за вид.
Прва линија на избор во третирањето на отокот на центарот за вид кој се должи на венска оклузија е примената на анти VEGF терапија интравитреално. На втор етап доколку има потреба може да се вклучи и интравитреално апликација на противовоспалителни агенти, Triamcinolone
Сл 5 ОЦТ -ангиографија на центар за вид и ангиографски приказ на слоевите на ретина кај цистоиден оток на центарот за вид.(оригинална снимка)
Анти ВЕГФ терапијата е препoрачлива да се започне што порано. Првично се аплицират три инјекции по една на месечно ниво три месеци по ред, така наречена доза на наситеност на лекот, а подоцна во зависност од одговорот и клиничката слика може да се повторува на одреден временски период. Апликацијата на лекарството е безболна под локална анестезија и се аплицира во стерилни услови. По поставувањето може да се јави мало облаче во видното поле кое во наредните денови исчезнува.
Најчесто применувани anti VEGF лекарства се : Avastin® (Bevacizumab), Eylea® (Aflibercept), Lucentis® (ranibizumab). Терапијата придонесува за намалување на централниот оток како и неоваскуларизацијата и од ризикот од појава на компликации. Во одделни типови на неисхемична централна РВО и парцијална РВО каде има присутност на оток во центарот за вид може да се добие и мало подобрување во видната острина, кое не е случај кај исхемичниот тип на РВО. Анти ВЕГФ терапијата нема влијание врз причината за болеста само ги ублажува симптомите и превенира од понатамошни вторични компликации.
Др Наташа Гинева – спец. офталмолог