Што претставува аблација на ретината?
Ретината е клучниот мост помеѓу светлото што влегува во окото и сликите што ги гледаме. Специјални невросензорни клетки ја сочинуваат ретината и реагираат на светлината пренесувајќи сигнал до мозокот кој овозможува да гледаме. Одлепување на ретината е очен проблем каде што таа не е во нормалната позиција. Претставува сериозна состојба која го афектира видот и може да доведе до слепило доколку не се третира.
Причини
Постојат три различни типа аблација на ретината
- Регматогена аблација сл. 1. Овој тип е најчест и се должи на присуство на периферни дегенеративни промени на ретината кои водат до појава на ретинална дупка низ која поминува течност која се собира под ретината и ја отслојува. Зоната во која се појавува аблацијата ја губи исхраната од крвните садови и престанува да функционира, а тоа води до загуба на видот.
Сл. 1. Фундус фотографија и шематски приказ на аблација на ретина со присуство на дупка
- Тракционна аблација на ретината. Кај овој тип поради разни причини – очни или системски – се појавуваат мембрани кои ја повлекуваат ретината (најчесто кај дијабетес во фаза на пролиферативна дијабетна ретинопатија).
- Ексудативна аблација на ретината се должи на акумулација на течност под ретината, но нема присуство на ретинална дупка, а причината може да е повреда, воспалителен процес во окото или тумор.
Ризик-фактори
- Возраста – почеста е кај популација над 50-годишна возраст
- Слаба ретина со дегенеративни промени во периферниот дел
- Претходна аблација на ретината во другото око
- Фамилијарна историја на аблација на ретина
- Висока кратковидост (дегенеративна миопија)
- Претходна интервенција на окото
- Повреда
Симптоми
Одлепувањето на ретината само по себе е безболно, но скоро секогаш има предупредувачки знаци кои може да се појават пред да настане:
- Појава на летечки точки (мушички) во видното поле
- Светкавици (искри) од светло во едното или во двете очи
- Замаглен вид или како да има сенка во дел од видното поле
Лекување
Аблацијата на ретина се третира единствено оперативно и претставува ургентна состојба. Колку побрзо се направи хируршкиот зафат толку поголема е веројатноста да се зачува и подобри видот.
Во случај да има руптура (дупка) на ретината без аблација се прави ретинален ласер сл. 2, со кој ретината се укрепува и заштитува со ласерски печати, со што не се исклучува можноста и покрај направениот ласер сепак да настапи аблација.
Сл. 2 Дупка на ретината и ласерски печати; сл. 3 Шематски приказ на витректомија
Операциите се неколку различни типа во зависност од тоа дали е делумна или целосна аблација со една или повеќе руптури или е тракциона или ексудативна.
- Операција со поставување еписклерална пломба и примена на ласер или криопексија за обезбедување на руптурата.
- Витректомија со гас или силикон. Хируршки се отстранува витреалното тело се лепи ретината со ендоласер и се поставува гас кој самиот се ресорбира или силикон кој подоцна се вади.
Какви се очекувањата кај пациентите со одлепена ретина?
Во суштина хирургијата за аблација на ретина е мошне успешна.
Исходот на операцијата зависи колку видот бил оштетен предоперативно, колку било времетраењето од настанувањето на аблацијата до операцијата, видот на аблацијата и затоа секогаш се дискутира предоперативно со пациентот и детално се објаснува состојбата, какви може да бидат очекувањата во однос на подобрување на видот, кои се секогаш индивидуални. Ретината може да се одлепи повеќе од еднаш и повторно се прави втора операција во случај ако се случи тоа.
Детекцијата на раните симптоми, брзото реагирање, како и што побрза хируршка интервенција по веќе поставена дијагноза се важни за крајниот исход во однос на зачувување на видот.
Д-р Наташа Гинева
Специјалист по офталмологија