Глаукомот наречен уште тивок крадец на видот, се развива без да има видливи симптоми додека не се намали значително видот на едното око. Доколку не се дијагностицира и лекува навремено најчесто води до слепило.
Претставува прогресивна оптикопатија со атрофија на нервните влакненца на очниот нерв кое води соодветно до постепено намалување на видот. Постојат повеќе ризик фактори и теории за појавата на нефункционалност на ретиноневрофибриларните влакненца кои го сочинуваат очниот нерв, но една од главните причини е очниот притисок, ризик фактор врз кој моментално единствено може да се влијае.
Класификација и симптоми
Глаукомот според состојбата на иридокорнеалниот агол се класифицира на две големи групи:
Сл.1 лево – отворен иридокорнеален агол, десно – затворен иридокорнеален агол
Примарен глауком со отворен агол
Повеќето луѓе не се ни сомневаат дека имаат очен проблем се додека не се повреди видот значително. Се карактеризира:
- Без симптоми во раните стадиуми
- Присуство на слепи точки во периферниот вид
- Во подоцнежен стадиум може да се засегне и централниот вид
Примарен глауком со затворен агол
Острата форма се развива одеднаш, со брз пик на зголемување на очниот притисок може да се добие неповратна загуба на видот за кратко време и затоа овој тип на глауком бара брза интервенција. Акутниот напад кај глаукомот со затворен агол обично започнува навечер или во затемнета просторија кога светлината е слаба и зениците соодветно се пошироки. Најчести симптоми:
- Остра главоболка
- Остра болка во окото
- Гадење и повраќање
- Замаглен вид
- Присуство на хало или светлински кругови околу извор на светлина
- Силно зацрвенето око
И двата типа на Глауком со отворен и затворен агол можат да бидат примарни и вторични (секундарни) кога се појавува на база на друго очно заболување ( воспаление, презреана катаракта, по затнување на крвен сад на окото и др. ) или друго заболување воопшто.
Глауком со низок очен притисок
- Сѐ уште не е добро проучен, но е доста честа форма на ова заболување, каде очниот притисок е во нормални граници но сепак има оштетување на очниот нерв. Се смета дека кај овие пациенти има зголемена чувствителност на очниот нерв кон редуцирано снабдување со крв на истиот од редица други причини (пример, атеросклероза ). Во овие околности дури и нормалниот очен притисок е доволно голем да предизвика повреда на очниот нерв. Клинички се изјавува
- Без симптоми
- Постепено неосетно замаглување на видот
- Во подоцнежен стадиум, загуба на периферен вид
Конгенитален глауком (вроден)
- Постои од самото раѓање.
Дијагностицирање на глаукомот
- Офталмолошки преглед (преглед на преден и заден очен сегмент и гониоскопија )
- Мерење на очен притисок и централна корнеална дебелина
- Автоматизирана компјутерска периметрија (видно поле)
- Оптично кохерентна томографија (ОЦТ) – на оптичен диск
При гониоскопијата се определува каков е типот на иридокорнеалниот агол , отворен или затворен. Оптичко кохерентна томографија на преден сегмент на окото исто така ни дава податок за иридокорнеалниот агол но не ја заменува контактната гониоскопијата.
Сл.2 Оптичко кохерентна томографија на преден сегмент на окото и приказ на иридокорнеалниот агол
Од фундоскопијата се гледа директно ин виво очниот нерв доколку се прозрачни очните средини
Сл3 . Диск на очен нерв нормален наод и глаукоматозно променет
Автоматизирана компјутерска периметрија или т.н. видно поле е испитување при кое се проверува чувствителноста на светлина како и ширината на видното поле и наличност на нефункционални нервни влакненца кои соодветно даваат дефекти во мапата на видното поле.
Сл.4 Наод од компјутерска периметрија: десно- уреден наод, лево –глаукоматозни промени
Видното поле во текот на прослeдување се повтoрува и ни дава податок на промени во динамика.
Оптично кохерентна томографија на ретиналенневрофибриларен слој е неинвазивна метода која ни дава податок за дебелината на истиот.
Сл. 5 Оптичко кохерентна томографија на Очниот нерв
Третман на Глаукома
Во зависност од степенот на глаукомот третманот е конзервативен со капки и во понапреднат стадиум оперативен со примена на ласер, хируршки интервенции и имплантација на валвули во зависност од видот на глауком и стадиумот.
Конзервативната терапија се состои од локална употреба на лекарства во вид на капки кои делуваат на намалување на продукцијата на очната водичка како и дел од нив делуваат и на циркулацијата и отокот на истата низ трабекуларната мрежа. Во зависност од вредноста на очниот притисок и почетната состојба на очниот нерв и таргет притисокот кој целиме да го постигнеме , може да се започне со монотерапија, еден лек или директно да се започне со комбинираната терапија . Постојат и капки кои се комбинирани препарати односно во себе содржат два типа на лекарства и имаат поголем комплајанс отколку ако капките се поставуваат поединечно. Во поново време кон задолжителната терапија и/или хируршки третман се употребуваат и дополнителни суплементи во формата на капки или пер ос со невропротекторно дејство.
Nd-Yag ласер иридотомија е ласерска процедура при која се прави отвор на ирисот (шареницата) за да има добра циркулација на очната водичка. Се применува кај глауком со затворен агол.
Argon laser trabekuloplastika – претставува ласер трабекулоплaстика при која се третира со ласер ткивото во иридокорнеалниот агол и се постигнува подобрување во дренажата на очната водичка. Не може да се повторува како процедура и бил најчесто користен како превклучување помеѓу конзервативна терапија и оперативен зафат.
SLT trabekuloplastika – претставува селективна ласер трабекулоплaстика при која се третира со ласер ткивото во иридокорнеалниот агол и се постигнува подобрување во дренажата на очната водичка. Се применува кај примарен и секундарен глауком со отворен агол . Во почетен стадиум може да е и терапија на прв избор, но не е со долготраен ефект и задолжително треба да се проследува пациентот и при потреба се повторува, а на подоцна етапа може да се додаде и локална терапија во форма на капки.
При понапреднат тип на глауком каде се исцрпени можностите од конзервативна и ласер терапија или во доста понапреден стадиум се применува и хируршка интервенција трабекулектомија со кој се подобрува циркулацијата и истекувањето на очната водичка.
Кај вроден тип на глауком во поголем процент од случаевите се оди кон оперативен третман гониотомија, трабекулектомија, имплантација на Молтено или Ахмед валвула имплант но често со незадоволителен ефект и потреба од реоперација.
Постојат и импланти кои се вградуваат и се прави вештачки шант (проток) низ имплантот за циркулација на очната водичка како Молтено имплант, Ex-press шант, Ahmed valvula имплант и други.
Глаукомoт се развива на двете очи но за среќа не напредува истовремено во двете очи. Ако се дијагностицира и лекува на време и рано, може да се спречи загуба на видот. Глауком означува редовно проследување и лекување до крајот на животот!