Д-р Ивана Петковска, родена во Охрид, има завршено медицински студии и специјализација по офталмологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Својата професионална кариера ја продолжува и како студент на докторски студии на УКИМ.
Своето работно искуство како офталмолог го започнува на очното одделение при ГОБ „8 Септември“ во Скопје, каде што седум години активно се занимава со дијагностика на очните заболувања и хирургија на катаракта. Учесник е на голем број домашни и меѓународни конгреси на кои зема активно учество, исто така е автор и коавтор на голем број трудови објавени во домашни и светски признаени списанија. Поседува меѓународно признаени сертификати за завршена едукација во областа на хирургијата на катаракта и задниот сегмент на окото.
- Која е техниката што ја користите за оперирање катаракта и колку долго трае процедурата?
– Во денешно време операцијата на катаракта се изведува со помош на методата факоемулзификација, односно ултразвучна техника. Самата интервенција е безболна и трае кратко, околу 15 минути.
- Кои се најновите напредоци во технологијата за операција на катаракта и дали „Промедика офталмологија“ е во чекор со нив?
– Со напредокот на технологијата и нам офталмолозите ни се отвораат нови можности за полесно и поефикасно изведување на оперативните зафати. „Промедика офталмологија“ е во чекор со европските и светските трендови користејќи најсовремена апаратура. Пионери сме во користење на 3Д-технологијата при изведување на хируршките зафати на нашите простори.
- Кои се потенцијалните компликации при операцијата на катаракта и како се намалува ризикот од нивно појавување?
– Како и во секој оперативен зафат така и во хирургијата на катаракта постојат одредени компликации кои можат да настанат, во текот на операцијата или постоперативно. Она што е најважно е пациентите навремено да се јават на преглед и да не чекаат пердето „да созрее“, верување кое останало од минатото кога се користела сосема друга метода за операција на катаракта. Со навремена операција на катаракта се намалуваат и потенцијалните ризици од компликации. Спојот од искусниот офталмолошки тим и современата терапија и технологија кои ги нуди „Промедика офталмологија“ ја намалува можноста од појава на компликации и претставува гаранција за успешна операција на катаракта.
- Како одлучувате дали пациентот има потреба од монофокална или мултифокална леќа и какво влијание има тоа на нивната визија и квалитет на живот?
– Добрата предоперативна проценка, возраста на пациентот и неговиот професионален профил се важни работи според кои им се сугерира на пациентите за кој тип леќа да се одлучат. Она што пациентот треба да го знае е дека со монофокалната леќа добива јасен вид на една далечина, додека пак мултифокалните леќи овозможуваат јасен вид на повеќе далечини. Не се исклучува потребата од минимална диоптриска корекција постоперативно за добивање попрецизен вид, на близина или на далечина.
Д-р Ивана Петковска
Специјалист по офталмологија