Дијабетичен макуларен едем (ДМЕ) е компликација на дијабетична ретинопатија и претставува состојба која се карактеризира со оток во центарот за вид (макула). Макулата е централниот дел од мрежницата и се наоѓа во позадината на окото, а е одговорна за централниот и колорниот вид, како и за фините детали.
Симптомите на макуларен едем се:
- Заматен централен вид
- Дисторзија на сликата (правите линии се искривуваат)
- Промена во колорниот вид
- Губиток на видот во понапредните стадиуми
ДМЕ настанува поради собирање на течност во макулата како резултат на оштетените крвни садови (капилари) и самиот по себе не е болест туку симптом на една метаболна состојба.
Дијагнозата на ДМЕ се поставува преку:
- Тестирање на видна острина
- Тестирање со Амслерова решетка
- Преглед во широка зеница
- ОЦТ ( оптичка кохерентна томографија)
- ФФА ( фундус флуоресцеинска ангиографија)
Лекувањето е најчесто со примена на Анти – ВЕГФ инјекција која има за цел блокирање на протеин познат како васкуларен ендотелиален фактор на раст кој е неопходен за раст на нови крвни садови (ангиогенеза).
Анти ВЕГФ медикаментите се инјектираат во окото за да го спречат создавањето на абнормалните крвни садови и собирање на течност во центарот за вид.
Опоравувањето од ДМЕ е споро и е потребно и неколку месеци. Успешноста зависи и од степенот на оштетување на ретината, видот и регулацијата на дијабетот, крвниот притисок, нивото на холестеролот и триглицеридите во крвта, односно потребна е целокупна строга метаболна контрола за резултат.
М-р. Д-р. Гордана Златева