Во ново истражување во Кина, објавено во медицинското списание JAMA Ophthalmologсе донел заклучок дека носењето наочари може да ги намали шансите од заразување со Ковид-19. Но, прашањето што се наметнува е дали треба сите да носат наочари за превенција од Ковид-19, доколку тоа навистина е така? Ваквото тврдење го негира познатиот д-р офталмолог Томас Штајнеман, професор во Медицинскиот Центар МетроХелт и воедно клинички портпарол на Американската академија за офталмологија.
Групното мислење на офталмолозите е дека не се препорачува луѓето да почнат да носат превентивно и наочари, покрај маските за заштита од коронавирусот, сѐ додека не се добијат доволно докази дека тоа е ефективно.
,,Објавената студија е провокативна и доста фасцинантна. Но, сепак во неа се опфатени мал број на испитаници, односно мал дел од населението. Потребно ни е да се направи многу поголема студија пред да донесеме заклучок дали со носењето наочари навистина луѓето поретко би ги допирале очите, па поради тоа би се намалила и стапката за пренос на инфекција”, вели д-р Штајнеман.
Познато е дека коронавирусот може да се пренесе преку очите ако заразеното лице кашла или ќива во близина на вашите очи или пак ако допрете предмет контаминиран со вирусот пред да го допрете окото.
Во оваа студија истражувачите во Кина забележале дека многу мал број од заболените пациенти носат наочари, иако стапката на застапеност на кратковидоста како болест е доста висока кај нивното население. Тоа ги натерало да почнат да ги истражуваат болничките записи од пациентите заразени со коронавирусот и заклучиле дека од 276 пациенти кои биле примени во рок од 47 дена, само 16 пациенти или 5,8% од примените пациенти биле кратковиди (миопи), поради што носеле наочари подолго од 8 часа на ден.
,,Очилата може да послужат како потсетник дека треба да се избегне допирањето на очите”, вели д-р Штајнеман. Исто така не се исклучува дека очилата делуваат и како делумна бариера, заштитувајќи ги очите при кашлање или ќивање во непосредна близина. Наодот на студијата може да се објасни и од повеќе аспекти. Може да се каже и дека очила процентуално повеќе носат лица кои се постари, па поверојатно е во време на пандемија тие да останат дома, за разлика од помладите лица кои не носат наочари. Или пак можеби луѓето во Кина кои можат да си дозволат наочари, можат да си дозволат и да живеат во помалку преполн простор, па со тоа се намалува и веројатноста да се заразат од коронавирусот.
Па дали треба да носите наочари како заштита од коронавирусот?
Сепак е премногу рано да се донесе ваков заклучок, вели д-р Штајнеман, кој не ја исклучува потребата од носењето заштита на очите за здравствените работници или лицата од прва одбранбена линија, како и оние кои се грижат за лица заболени од Ковид-19. За остананите, остануваат носењето маска, честото миење на раце, како и оддржувањето на социјална дистанца да бидат најдобра одбрана од вирусот.
Дискутираната студија може да ја најдете на следниов линк: https://jamanetwork.com/journals/jamaophthalmology/fullarticle/2770872