КОНЈУНКТИВИТИ (воспаленија на сврзницата)

Конјунктивитите спаѓаат во многу честа група заболувања на окото и претставуваат воспаление на конјунктивата, односно на мембраната која го препокрива окото и има заштитна функција. Тие се манифестираат со повеќе симптоми зависно од предизвикувачот на воспалението, но најчести се:

  • црвени очи;
  • иритација, гребење во окото и чувство на туѓо тело;
  • солзење;
  • исцедок од очите (воденест или леплив, белузлав или зеленикав);
  • осетливост на светлина;
  • понекогаш заматен вид;
  • тешкотии наутро при првото отворање на очите, понекогаш красти.

Сл. 1 Око со конјунктивит

Предизвикувачите на ова воспаление може да се најразлични, па ги делиме во повеќе групи.

  1. БАКТЕРИСКИ КОНЈУНКТИВИТИ

Настануваат при контакт со заразено лице, од рака на око, преку заразени објекти, во склоп на генитални инфекции кои имаат предилекција и на окото или преку т.н. вертикална трансмисија од мајка на бебе. Понекогаш се јавуваат во склоп на инфекции на увото, носот и грлото. Најчести предизвикувачи се:

– Haemophilus Influenzaе,

– Streptococcus Pneumonia,

– Moraxella Catarrhalis,

– Staphylococcus Aureus.

Се манифестираат со симптоми (кои зависат од предизвикувачот): црвени очи, леплив густ исцедок чија боја зависи од видот на бактеријата, оток на конјунктивата (хемоза), понекогаш намален вид, болка и оток на капаците. Во случај пациентот да носи контактни леќи, ќе мора веднаш да прекине да ги користи сè до моментот на излекување со антибиотик кој соодветно ќе му биде даден од офталмолог.

Зависно од етиологијата, овие конјунктивити можат да бидат акутни, перакутни или хронични, т.е. да траат пократко, а кај некои бактерии и до четири недели (на пр., кај Moraxella lacunata)

Сл. 2 Бактериски конјунктивит со густ, леплив, белузлав исцедок

  1. ХЛАМИДИЈАЛНИ КОНЈУНКТИВИТИ

Тоа се инфекции кои настануваат со пренесување од: мајка на новородено бебе, доколку мајката ја има хламидијалната инфекција и се јавува во првите четири недели по раѓањето, кај сексуално активни лица, кај генитални инфекции кои се пренесуваат како инфекции на очите. Се манифестира со хиперплазија на конјунктивата и слаб исцедок.

Сл. 3 Хламидија конјунктивит

  1. ВИРУСНИ КОНЈУНКТИВИТИ

Настануваат во склоп на некоја вирусна инфекција во организмот како што е грип, настинка или друга респираторна инфекција: херпес, сипаници (рубела, рубеола), Epstein-Barr вирус, односно инфективна мононуклеоза, инфекции предизвикани од аденовируси. Тие се многу контагиозни (заразни) и се пренесуваат при контакт од рака (контаминирана со инфективниот вирус) на око. Се пренесуваат и преку Флигеови капки во воздухот. Се манифестираат најчесто со воденест исцедок, поретко леплив и густ, со симптоми кои прво го зафаќаат едното око, па потоа се префрлаат и на другото. Оние што се предизвикани од тропски вируси може да имаат знаци и на хеморагичен конјунктивит.

Сл. 4 Вирусен конјунктивит

Сл. 5 Хеморагичен конјунктивит

Превенцијата е преку спречување на трансмисијата, т.е. често миење раце, користење посебни крпи за лична хигиена, избегнување контакт со лица кои имаат акутна инфекција. Вирусните инфекции не се лекуваат со антибиотик. Сериозните форми како што се оние предизвикани од херпес симплекс или зостер се третираат со антивирални медикаменти.

  1. АЛЕРГИСКИ КОНЈУНКТИВИТИ

Се појавуваат на двете очи и се манифестираат кај пациенти кои имаат и други знаци за алергиски заболувања како: астма, егзем, поленска треска… Често може да се во склоп и на алергија на дрва, трева, мувла, влакна од домашни миленици, контактни леќи, козметика, а оди со знаци на чешање, солзење, оток придружен со знаци на алергија: кивање, чешање на нос, астма, суво грло. Иритација може да е и поради изложеност на иританти, т.е. загадување (смог, хлорирана вода, најразлични хемикалии).

Начинот на пренесување е преку: близок контакт со заболено лице, преку воздух (при кашлање и кивање), допирање загадени површини, па потоа допирање на очите пред да се измијат рацете.

Сл. 6 Алергиски конјунктивит со хемоза (оток на конјунктивата)

ТРЕТМАН

Тој зависи пред сè од предизвикувачот, па честопати во таа смисла се прави и претходна изолација преку микробиолошки брисеви со антибиограм, брис за хламидија, алерготестови… Зависно од типот на конјунктивитетот т.е. од предизвикувачот се пропишува и соодветната терапија. Тоа се антибиотици во случај на бактериски, антивирални лекови кај вирусни инфекции, антиалергици кај алергии итн.

ПРЕВЕНЦИЈА ОД КОНЈУНКТИВИТИ

  • Често мијте ги рацете со топла вода и сапун, особено пред и по апликација на терапија во окото (капки или маст).
  • Не користете исти лекови (шишенце или туба со лек) за инфицираното око и окото што нема инфекција.
  • Користете посебна постелнина, крпа и предмети за лична хигиена (не делете ги со друг).
  • Во случај на конјунктивит, поради можни компликации, не користете контактни леќи.
  • Не капете се во базен.
  • Редовно чистете ги вашите контактни леќи, немојте да спиете со нив, менувајте го редовно растворот во кој ги чувате.
  • Избегнувајте контакт на немиени раце со очите.
  • Редовно бришете ги и вашите очила.
  • Редовни вакцинации во смисла на ерадикација на некои заболувања кои даваат сериозни оштетувања на очите (сипаници, рубела, морбили, пнеумокока, хемофилус тип Б).

Д-р Гордана Златева

Специјалист по офталмологија