Сите сме запознаени дека со бременоста доаѓаат и утринската мачнина и недостатокот на сон, но ретко кој знае дека бременоста може да влијае и на видот или на очите. Физичките и хормоналните промени кои ја оддржуваат бременоста, влијаат и на другите делови на телото, па така може да влијаат и на видот на идната мајка. Затоа доколку идната мајка забележи било какви промени со очите, треба да направи офталмолошки преглед. Ова е особено важно доколку идната мајка има и други придружни системски или очни болести, бидејќи промените во метаболизмот, циркулацијата на крвта и хормоните може да ја влошат постоечката состојба.
ЗАМАТЕН ВИД
- Зошто настанува:
Како што остатокот од телото на бремената жена задржува течност, така прават и некои делови од окото. Како што се зголемува задржувањето на течности, рожницата (чистиот преден дел на окото) и леќата (што се наоѓа веднаш зад обоениот дел од окото) ја менуваат својата форма и закривеност. Овие промени може да резултираат со заматен или нарушен вид, па затоа доколку носите очила или контактни леќи, може да забележите дека видот не ви е толку јасен како порано. Исто така при носењето на контактните леќи може да имате непријатно чувство, кое се должи на лошото налегнување на контактната леќа, поради промена на закривеноста на рожницата. За среќа, повеќето ако не сите, од овие промени се решаваат сами по себе по неколку месеци од породувањето или по престанокот на доењето.
- Што може да направите во врска со тоа:
Доколку промените во видот не се доволни значајни и не ви предизвикуваат посебни проблеми, пробајте да избегнете менување на очилата или контактните леќи, бидејќи диоптријата може повторно да варира.
Доколку контактните леќи ги чувствувате прелабави на окото поради промената на закривеноста на рожницата, тогаш побарајте преглед и совет од вашиот офталмолог, за леќата да не ви предизвика иритација или потенцијлно да ви го изгребе очното јаболко или внатрешноста на очните капаци.
Не правете било какви трајни промени на видот во текот на бременоста, како што е операција за корекција на диоптријата.
Постојат и помалку чести причини за заматен вид, како што е оток или крварење во задниот дел на окото, па затоа доколку забележите било каква промена со видот консултирајте се со вашиот офталмолог.
СУВО ОКО
- Зошто настанува:
Како што настануваат хормонални промени во текот на бременоста, се намалува и концентрацијата на машките хормони наречени андрогени. Самата бременост предизвикува намалена функција на клетките кои ги произведуваат солзите. Ваквата промена влијае на количината и квалитетот на солзите што се создаваат и настанува сувост на очите, особено ако носите контактни леќи. Може да се јави и црвенило, иритација, печење или чувство на страно тело во окото.
- Што може да направите во врска со тоа:
Доколку ги чувствувате суви очите и вашиот вид варира поради ваквата сувост, може да земете гел за навлажнување на очите без рецепта, кој нема конзерванси или лек во него. Доколку носењето на контакнти леќи ви претставува проблем, пробајте да го намалите времето на носење на леќите или целосно да ја прекинете нивната употреба додека не се породите или да престанете да доите. Доколку поминувате поголем дел од денот пред компјутер, тогаш не заборавајте да правите чести паузи, дваесет секунди на секои дваесет минути и да пиете многу вода за да спречите сувост на очите. Пробајте да има и навлажнувач на воздухот во просторијата во која најмногу престојувате, особено во зима, бидејќи грејачите го сушат воздухот околу вас.
СПУШТАЊЕ НА ОЧНИОТ КАПАК
- Зошто настанува:
Со бременоста е поврзано и спуштањето на горниот очен капак, кое се нарекува птоза. Оваа појава обично се забележува на едното око, се менува со тек на времето и исчезнува неколку месеци по породувањето. Причината за настанување најверојатно е хормоналната промена, како и задржувањето на течности.
- Што може да направите во врска со тоа:
Опасноста од задршката на течности, иако е вознемирувачка, сепак не е опасна. Меѓутоа доколку забележите спуштање на очниот капак, потребно е да го посетите вашиот офталмолог, бидејќи може да биде знак и за посериозен проблем.
ГЛАУКОМ
- Зошто настанува:
Глаукомот уште е наречен и тивок убиец на видот. Иако постојат многу форми и причини за негова појава, покачувањето на притисокот во внатрешноста на очите е еден од најчестите фактори на ризик. Во внатрешноста на окото се формира водена течност која обезбедува хранливи материи за предниот дел на окото. Понатаму оваа течност го напушта окото и се апсорбира во крвотокот. Доколку се произведе премногу течност или пак течноста не може да го напушти окото, се зголемува притисокот во внатрешноста на окото. Овој покачен очен притисок го притиска оптичкиот нерв и го спречува снабдувањето со крв на нервот, што резултира со негово оштетување и со намалување или губење на видот.
- Што може да направите во врска со тоа:
Бременоста, посебно во вториот триместар, е поврзана со мало намалување на очниот притисок. Ова може да се случи или од намалено создавање на течност или пак зголемен одлив на течноста. Оваа промена на очниот притисок обично се враќа на вредностите од пред бременоста два месеци по породувањето. Ако имате лична или фамилијарна историја на глауком или ако се сомневате дека имате глауком, не заборавајте да го известите вашиот лекар пред да забремените, бидејќи тоа може да го промени текот на третманот.
Пред да користите било какви капки за очи во текот на бременоста, потребно е да се консултирате со вашиот офталмолог за да бидете сигурни дека капките се безбедни за вас и за вашето бебе. Ако веќе имате проблем со здравјето на очите, задолжително посетете го вашиот офталмолог пред и за време на бременоста за да се осигурате дека вашите очи се здрави и дека нема индикација за промена на третманот или нов третман. Како што жената минува низ бременоста, треба да се стреми добро да се грижи за целото тело, вклучително и за очите.